Вардар и Мелсунген одиграа исклучително неизвесен натпревар кој заврши нерешено 26-26, македонскиот шампион беше многу блиску до победа, но Германците се спасија во последните секунди.
Вардарци одиграа уште еден крајно драматичен натпревар во Лигата на шампионите, по кој можеме да жалиме што не победи македонскиот тим.
Мелсунген подобро го почна натпреварот, водеше во првиот дел од првото полувреме, имаше и највисоки три разлика, но како одминуваше времето, вардарци ја најдоа својата игра и почнаа да ја топат предноста на противникот. Македонскиот шампион го сврте резултатот и на одморот замина со водство од 14-12.
Вардар тешко го почна и второто полувреме, Мелсунген за кратко време го сврте резултатот, поведе со 19-17, но момците на Чупиќ брзо одговорија и ја вратија предноста. Натпреварот отиде во неизвесна завршница, двете екипи се менуваа во водство, но ниту еден не поведе со повеќе од еден гол. Црвено-црните беа на чекор до победа, но Мелсунген во последните секунди дојде до реми.
Фадуил со седум голови беше најефикасен во составот на Вардар, Воркапиќ постигна четири. Милош Валах повторно имаше одлична партија, собра 14 одбрани. За Мелсунген, Штел даде осум голови, Симиќ имаше 11 одбрани.
Во друиот натпревар од нашата група Висла го победи Нант со 33-27.
Ова беше последниот меч за Вардар во Лигата на шампионите, македонскиот тим заврши на последното место со три бода, понатаму одат Висла и Мелсунген, Нант заедно со нашиот тим продолжува во Европската лига.
Фото: Денис Дуковски/РК Вардар