Црвено-црните“ славеа со 32-31 против Охрид во драматичен натпревар во Гевгелија и стигнаа до петтиот трофеј во Суперкупот на Македонија.
Вардар е победник на Суперкупот на Македонија откако во спектакуларен и неизвесен натпревар во Гевгелија го совлада Охрид со 32-31. „Црвено-црните“ до трофејот стигнаа по голема драма во финишот, во кој двата тима имаа шанса за победа.
Охрид подобро го отвори натпреварот и рано стекна предност од 4-1, но Вардар брзо се врати во игра. Следуваше период во кој се играше гол за гол, а ниту една екипа не успеваше да направи посериозна разлика.
Во самиот финиш на првото полувреме Вардар успеа да дојде до предност од два гола, па на одмор замина со 17-15.
Охриѓани, сепак, не се откажаа. Напротив, во вториот дел успеаја целосно да го свртат текот на натпреварот. Вардар имаше проблеми со реализацијата, а Охрид го искористи тоа и во 39. минута стигна до 22-20.
Домаќинот на Суперкупот продолжи да ја контролира играта, а во еден момент предноста достигна и два гола – 27-25. Тогаш следуваше одговорот на Вардар.
Македонскиот шампион ја засили одбраната, а со серија добри акции направи целосен пресврт. Пет минути пред крајот Воркапиќ погоди за 29-27 и Вардар повторно беше во подобра позиција.
Но, драмата не заврши тука.
Охрид успеа повторно да се врати во натпреварот и на само 30 секунди до крајот израмни на 31-31. Во последниот напад Вардар доби седмерец, а Вукашин Воркапиќ ја презеде одговорноста и погоди за 32-31.
Охриѓани имаа уште една шанса да израмнат, но Стрмљан не успеа да реализира во последниот напад и започна големото славје на вардарци.
Со овој триумф Вардар стигна до петтиот трофеј во Суперкупот на Македонија, со што останува најуспешната екипа во историјата на ова натпреварување. Еурофарм Пелистер има три трофеи.
Фото: Денис Дуковски/РК Вардар