Манчестер Сити реализираше уште еден голем трансфер во последниот ден од преодниот рок, откако го ангажираше сенегалскиот крилен напаѓач Илиман Ндиаје од Евертон.
Трансферот на 26-годишниот фудбалер е вреден 60 милиони фунти, а со дополнителните бонуси сумата може да достигне 65 милиони фунти. Ндиаје потпиша петгодишен договор со англискиот гигант и во иднина ќе го носи дресот на Сити.
„Целиот живот работев за ваква можност. Манчестер Сити е еден од најдобрите клубови во светот и додека растев ги гледав како освојуваат сè. Да можам да напишам свое поглавје во таква посебна приказна е можност која се добива еднаш во животот и решен сум да ја искористам“, изјави Ндиаје.
Сенегалецот пристигна во Евертон во 2024 година од Марсеј, а за клубот од Ливерпул забележа 74 настапи и 21 гол.
Интересно е што Ндиаје само неколку дена претходно беше многу блиску до трансфер во Тотенхем. Двата клуба постигнаа договор во петокот, а се очекуваше трансферот да биде дел од поширока размена во која Ришарлисон требаше да се врати во Евертон.
Сепак, Бразилецот не успеал да ги договори личните услови со својот поранешен клуб, по што трансферот на Ндиаје во Тотенхем пропаднал.
Манчестер Сити, пак, ја искористи ситуацијата и го обезбеди потписот на сенегалскиот репрезентативец.