Кошарка

Димитријевиќ блескаше, Арис го победи Панатинаикос во грчкото дерби

Димитријевиќ блескаше, Арис го победи Панатинаикос во грчкото дерби

Македонскиот репрезентативец беше меѓу најзаслужните за големиот триумф на Арис од 101:91, со 14 поени и пет асистенции.

Арис ја забележа една од најзначајните победи на почетокот од сезоната во грчкиот кошаркарски шампионат, откако на домашен терен го совлада големиот ривал Панатинаикос со 101:91.

Во центарот на вниманието беше македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, кој одигра одличен натпревар и имаше значаен придонес во победата на солунскиот состав.

Димитријевиќ беше дел од стартната петорка и на паркетот помина 24 минути. За тоа време постигна 14 поени, подели пет асистенции и запиша 11 индексни поени. Македонскиот плејмејкер погоди една тројка, а беше сигурен и од линијата за слободни фрлања, од каде што реализираше пет пати.

Покрај Нено, одлична партија во победничкиот тим имаше Морган со 21 поен, додека Мокока придонесе со 19. Толиопулос исто така заврши со 14 поени, а Робинсон-Ерл запиша 11.

Во редовите на Панатинаикос, најефикасен беше Жерсон Јабуселе со 22 постигнати поени, но неговиот учинок не беше доволен за да се избегне поразот.

По пет одиграни кола, Арис и Панатинаикос имаат идентичен биланс од четири победи и еден пораз. Пред нив на табелата се ПАОК и Олимпијакос, кои досега имаат максимален ефект од пет победи.