„Имаме огромен фудбалски потенцијал, и нема да влегуваме во дискусии или провокации“, рече шпанскиот селектор.
Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, зрачи со смиреност и оптимизам пред големото финале на Светското првенство против Аргентина. Предводникот на „Црвената фурија“ порача дека клучот за светскиот трон лежи во доследноста на нивната препознатлива филозофија на игра.
Де ла Фуенте нагласи дека тимот нема намера да отстапи од стратегијата која ги донесе до самиот крај на турнирот, ниту пак ќе дозволи да биде вовлечен во психолошки игри.
„Многу сум смирен и уверен дека, ако останеме верни на идејата што нè донесе дотука, ќе бидеме многу поблиску до остварување на нашата цел. Имаме огромен фудбалски потенцијал. Нема да влегуваме во дискусии или провокации, бидејќи тоа не е наша територија. Знаеме како да играме фудбал – да дадеме смисла на играта кога ја имаме топката, а кога ја немаме, да бидеме максимално дисциплинирани, агресивни и брзо да ја вратиме во наш посед“, изјави шпанскиот стратег.
Како една од најголемите предности на овој состав на Шпанија, предводникот ја истакна кохезијата и долгогодишната соработка со фудбалерите, од кои голем дел ги тренираше уште во младинските категории. Според него, токму таа силна врска ја прави клучната разлика на теренот, а одличната атмосфера во соблекувалната е дополнителен ветер во грб.
„Задоволни сме од она што го постигнавме досега, но сакаме да го направиме и тој последен чекор и да го освоиме Светското првенство“, дециден е Де ла Фуенте.