Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), информираше дека Дејан Јакимовски е избран за претседател на Судискиот одбор, тој доаѓа на местото од Емил Божиновски.
Божиновски се повлекол од функцијата, па на негово место доаѓа Јакимовски кој досега беше задолжен за ВАР системот.
„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Дејан Јакимовски да биде избран за претседател на Судискиот одбор на ФФМ, наследувајќи го досегашниот претседател Божиновски. Емил Божиновски поради лични причини се повлекува од функцијата претседател на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. Божиновски, сепак, останува дел од судиското тело во рамки на Федерацијата и продолжува да придонесува со своето долгогодишно искуство во развојот и унапредувањето на судењето во македонскиот фудбал.
Јакимовски има долгогодишно домашно и меѓународно искуство како судија, со повеќе од 500 натпревари во Првата и Втората МФЛ и над 110 меѓународни натпревари како FIFA судија. Во својата досегашна работа беше член на Судискиот одбор, УЕФА контролор, како и VAR менаџер и проектен лидер при имплементацијата на VAR технологијата во македонскиот фудбал“, стои во соопштението на ФФМ.