Дали Шкендија ќе ја зголеми предноста, или Вардар ќе го стигне својот ривал за титулата на табелата?
Пресметка за титула во ПМФЛ во Гостивар. Шкендија со три бода предност ќе го дочека тимот на актуелниот првак Вардар. Дали тетовци дополнително ќе се оддалечат, или Вардар ќе стигне блиску до својот ривал, ќе добиеме одговор денеска.
Шкендија го доби првиот дуел со Вардар на гостински терен, а сега кај шампионот е присутна и желба за одмазда, но и желба да се стигне до првото место на табелата. Работите кај скопските „црвено-црни“ полека се стабилизираат по шокантниот лош старт, и сега се е подготвено за да имаме уште една битка за титулата, во која покрај овие два тима е вклучена и Струга ТЛ.
„Подготвени сме за оваа задача, целиот тим е мотивиран и јас сум убеден дека ќе дојдеме до бодовите“, истакнува голманот на Шкендија, Бабукар Гаје пред пресметката со Вардар.
„Знаеме сите што значи тимот на Шкендија, и јас сум полн со вера дека ќе успееме сезонава. Треба да го пренесеме тоа и на теренот, и да ги искористиме шансите кои ќе ни се укажат. Кога се даваат головите, фудбалот е многу полесен, а јас посакувам да ја сочувам мрежата, и се надевам дека ќе почнеме една серија без примен гол, нешто кое нѝ недостасуваше последните неколку кола“, изјави Гаје.
Актуелниот првак најавува дека ќе се надигрува со ривалот и се надева дека ќе стигне до позитивен резултат во големото дерби.
Го знае тоа и искусниот Давид Бабунски, еден од креаторите на играта на Вардар, кој го пренесува оптимизмот кој владее во тимот на Миодраг Божовиќ.
„Свесни сме за значењето на овој натпревар, се подготвувавме квалитетно и очекуваме еден жесток дуел кој ќе го решаваат нијанси, најмали детали. Влеговме во добра серија и очекуваме позитивниот чекор да продолжи и на дербито со Шкендија. Ќе играме во Гостивар овојпат, двете екипи навистина се меѓу најквалитетните во државата, имаме меѓусебен респект и верувам дека ќе понудиме допадлив фудбал. Ние посакуваме три бода, и ќе сториме сѐ да ја оствариме целта“, вели Давид Бабунски.