Фудбал

Деко: Направивме сè како што треба за Алварез, никој не смее да нè обвини

Деко: Направивме сè како што треба за Алварез, никој не смее да нè обвини

Спортскиот директор на Барселона, Деко, ги отфрли обвинувањата дека каталонскиот клуб вршел притисок врз Хулијан Алварез да побара трансфер од Атлетико Мадрид.

Трансфер-сагата околу аргентинскиот напаѓач привлече големо внимание, но Деко тврди дека Барселона во целиот процес постапувала коректно кон Атлетико и не направила ништо спорно.

Португалецот откри дека Барселона испратила официјална понуда во вредност од 100 милиони евра, која требало да биде исплатена во период од три години. Сепак, каталонците не добиле позитивен одговор од мадридскиот клуб.

„Направивме сè како што треба. Испративме понуда од 100 милиони евра, која требаше да биде платена во три години. Не добивме одговор и тука сè заврши. Останатото го направија медиумите“, изјави Деко во интервју за „Радио Каталуња“.

Спортскиот директор на Барселона посебно ги отфрли тврдењата дека клубот го убедувал Алварез јавно да изрази желба да го напушти Атлетико.

„Не сме го молеле играчот за време на Светското првенство да каже дека сака да го напушти Атлетико. Тоа беше негова одлука. Ако играчот побарал да си замине, тоа не е моја работа“, порача Деко.

Тој додаде дека Барселона имала директна комуникација со Атлетико и дека од мадридскиот клуб јасно им било ставено до знаење дека не сакаат да го продадат аргентинскиот репрезентативец.

„Разговаравме со нив со почит и тие ни кажаа дека не сакаат да продаваат. Имаше тензија во медиумите, но не можете да кажете дека сме направиле нешто лошо“, категоричен е Деко.