Фудбал

Даниел Муњоз: Од ултрас на огнените трибини во Медељин до репрезентативец на Колумбија на СП

Даниел Муњоз: Од ултрас на огнените трибини во Медељин до репрезентативец на Колумбија на СП

Неуморниот десен бек на Колумбија, Даниел Муњоз (30), својата адолесценција ја поминал меѓу ултрасите на Атлетико Насионал. По бројни одбивања од клубови, за малку ќе го напуштел фудбалот, но одбиената виза за САД го спасила неговиот пат.

Даниел Муњоз, десниот бек на Кристал Палас и колумбиската репрезентација, има необична приказна. На 9 или 10 години првпат отишол на стадион без надзор — но на влезот му го украле прстенот што го добил од баба му. Тоа не го одвратило: од 12 до 15-годишна возраст бил член на Лос дел Сур, една од најжестоките ултрас групи во Јужна Америка, поврзана со Атлетико Насионал.

И покрај љубовта кон клубот, Муњоз не успеал да се пробие. Отфрлен во Шпанија, Италија, Мексико, Колумбија, Бразил — на 18 години сакал да се откаже и да замине да работи во САД. Но визата му била одбиена. Тогаш влегол во скромната академија Тотал Сокер во Медељин, создадена за доцно созреани играчи. Таму, основачот Хуан Габриел Сепулведа му помогнал да го промени фокусот.

По три години минати во Атлетико Насионал, Муњоз се сели во Европа, во тимот на Генк од каде што во 2024 година оди во Кристал Палас за кој игра и денес.

Муњоз е еден од главните играчи на Колумбија на Светското првенство, постигна гол против Узбекистан (3–1) и ДР Конго (1–0), имаше и одличен настап против Португалија (0–0) пред осминафиналето со Гана. Со Кристал Палас ја освои Лигата на конференциите (1–0 против Рајо Ваљекано). Неговиот сон отсекогаш бил Атлетико Насионал — чие лого има тетовирано на десната нога.

„Тој е еден од нас,“ вели Мигел Мартинез од ултрас групата. „Никогаш не одбива фотографија или автограм, затоа што и самиот долго беше на другата страна.“ Муњоз и денес понекогаш пее со навивачите на гостински терени, наместо да остане во ВИП ложата.