Голманот на Андора, Хесус Овоно, бил длабоко потресен по судирот со напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина во вторникот наутро. Според пишувањата на шпанскиот „АС“, голманот во соблекувалната плачел и се молел.
Како што пренесува шпанскиот спортски весник, фудбалерите на Андора биле сериозно загрижени за 25-годишниот голман за време на враќањето од Тенерифе, бидејќи бил видно потресен од случувањата. Луѓето блиски до репрезентативецот на Екваторијална Гвинеја го опишуваат како грижлива и исклучително љубезна личност, без трошка злоба.
Овоно при напуштањето на теренот беше навредуван од трибините со извици „убиец“, по што го деактивираше својот профил на Инстаграм. Полицијата во меѓувреме отвори истрага за смртта на Де Мигел.
Несреќата се случи во понеделникот, во судиското продолжение од натпреварот меѓу Тенерифе и Андора во Сегунда. Овоно истрча од голот за да расчисти една долга топка, но со коленото го удри 30-годишниот напаѓач во главата и градите.
Голманот доби директен црвен картон, а судијата веднаш го прекинал натпреварот. Де Мигел доживеал срцев удар, по што бил реанимиран и пренесен на интензивна нега. Тенерифе во понеделникот вечерта соопшти дека неговата состојба е стабилна, но тешка. Сепак, во текот на ноќта дошло до влошување и напаѓачот почина во вторникот наутро.