Фудбал

Голем раскол во тим од шпанската Ла Лига, претседател со порака до тренерот: „Вратата му е отворена“

Голем раскол во тим од шпанската Ла Лига, претседател со порака до тренерот: „Вратата му е отворена“

Анхел Торес жестоко му одговори на тренерот по поразот од Лугано (2:5), откако Бордалас јавно обвини дека клубот не ги исполнил ветувањата за засилувања.

Жозе Бордалас и претседателот на Хетафе, Анхел Торес, влегоа во отворен конфликт по убедливиот пораз од Лугано со 2:5 во Конференциската лига. Тренерот јавно го изрази незадоволството од начинот на кој клубот го составил тимот, но доби жесток одговор од првиот човек на мадридскиот клуб.

„Се чувствувам измамено, бидејќи не беше исполнето она што ми беше ветувано од година во година. Многу сум лут“, изјави Бордалас по европскиот дебакл, нагласувајќи дека Хетафе нема доволно квалитетен и широк состав за да се натпреварува на три фронта.

Тренерот посочи дека уште од мај предупредувал дека екипата нема да може да го издржи напорниот распоред, а по поразот од Лугано најави дека повеќе нема да прави толку многу ротации во составот.

Одговорот од Торес пристигна експресно. Претседателот на Хетафе во разговор за „Кадена СЕР“ не ги криеше незадоволството и лутината поради обвинувањата на својот тренер.

„Тој потпиша затоа што сакаше. Во секој случај, вратата му е отворена. Ако сме толку лоши, што да правиме? Ова е Хетафе. Не разбирам што сè уште прави тука ако е толку незадоволен. Да каже дека сум го измамил… Треба да имаш образ како ѓон за по 30 години да ми кажеш дека сум те измамил“, порача Торес.

Првиот човек на клубот не се согласи ниту со оценката дека Хетафе нема доволно квалитетен состав. Напротив, тој смета дека клубот располага со една од најдобрите екипи во својата историја и верува дека фудбалерите ќе ги демантираат критиките на тренерот.

„Мислам дека ова е најдобриот состав што сме го имале. Тој има свое мислење, а сега фудбалерите ќе му покажат дека греши. Треба да работиме и да победиме во Билбао“, додаде претседателот.

Торес исто така побара Бордалас да покаже почит кон играчите, исто како што тие покажуваат кон него, но нагласи дека нема да презема никакви драстични мерки поради неговите изјави.

И покрај тоа, јавниот судир откри сериозни несогласувања меѓу тренерот и раководството на Хетафе. Бордалас е незадоволен од трансфер-политиката и недостигот на алтернативи во тимот, додека Торес смета дека составот е доволно квалитетен за да се справи со предизвиците.

Хетафе сега мора да се фокусира на следниот предизвик во Ла Лига, гостувањето кај Атлетик Билбао, закажано за недела. Останува да се види дали резултатите на теренот ќе ги смират тензиите или конфликтот меѓу Бордалас и Торес дополнително ќе се продлабочи.