Вардар убедливо го совлада Пелистер со 31:23 во големото дерби, а капитенот Васил Гогов ги посочи карактерот, борбеноста и енергијата како клучни за триумфот.
Ракометарите на Вардар го добија големото дерби против Пелистер со убедливи 31:23 и уште еднаш покажаа дека домашниот терен и поддршката од навивачите се голема предност за „црвено-црните“.
По натпреварот, капитенот на Вардар, Васил Гогов, не го криеше задоволството од освоените бодови, нагласувајќи дека тимскиот дух, заедништвото и енергијата биле меѓу клучните фактори за убедливиот триумф.
Гогов потенцираше дека Вардар секогаш има највисоки амбиции кога игра пред своите навивачи во салата „Јане Сандански“, која ја доживува како вистински дом на екипата.
„Реално, многу важна победа. Само едно ќе кажам: ние во Вардар сме една фамилија, Вардар и „Јане Сандански“ се нашиот дом. Како што кажа нашиот тренер, ние секогаш дома сме фаворити, тоа денес го покажавме“, изјави Гогов.
Капитенот откри дека во таборот на Вардар очекувале многу потежок натпревар и дека не верувале дека дербито ќе заврши со толку висока разлика во нивна корист.
„Очекувавме тежок натпревар, но волку висока победа не очекувавме. Пресудија карактерот, борбеноста и енергијата“, додаде Гогов.