Ракомет

Гогов: „Вардар има многу потенцијал, но мора уште многу да работиме“

Гогов: „Вардар има многу потенцијал, но мора уште многу да работиме“

Вардар по пет години се враќа во Лигата на шампионите, а капитенот верува дека „црвено-црните“ имаат квалитет за големата европска сцена.

Вардар по петгодишна пауза повторно ќе биде дел од европската ракометна елита. „Црвено-црните“ во четврток ја започнуваат новата сезона во Лигата на шампионите со тешко гостување кај германскиот Мелсунген.

Предводникот на Вардар меѓу стативите и капитен на екипата, Васил Гогов, вели дека тимот со голем потенцијал се враќа во најсилното европско клупско натпреварување, но истовремено е свесен дека има уште многу простор за напредок.

„Нѝ следува првиот натпревар во Лигата на шампионите. По пет години повторно се враќаме во ова натпреварување. Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати“, вели Гогов.

Вардар и Мелсунген во претходниот период одиграа неколку меѓусебни натпревари во Европската лига, а македонскиот тим успеа да слави и на домашен и на гостински терен. Сепак, Гогов предупредува дека тие резултати не треба да бидат причина за опуштање.

„Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари“, истакнува капитенот.

Гогов се осврна и на проблемите со кои Вардар се соочуваше во подготвителниот период. Поради ограничувањата во македонското првенство, но и поради повреди и болести, тимот не успеал целосно да се воигра.

„Во текот на пријателските натпревари и турнирите имавме проблеми со повреди. Поради тоа, не успеавме да се комплетираме и да го покажеме сето она што го работиме на тренинзите“, додава Гогов.

Капитенот смета дека Вардар има сериозен потенцијал, но за да може да се носи со најдобрите европски екипи, потребно е време и многу работа.

„Имаме уште многу работа за да бидеме на сто проценти. Не успеавме да одработиме доволен број заеднички тренинзи. Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум“, порача Гогов.