Македонскиот ракометен репрезентативец Жарко Пешевски покажа голема хуманост, иницирајќи акција за собирање финансиска помош за Стефан Петрушевски, полициски службеник кој се соочува со најтешката животна битка.
Со цел да се соберат што повеќе средства, ракометарот одлучи на аукција да стави посебен дрес на македонската репрезентација, потпишан од сите ракометари кои беа дел од последниот натпревар против Романија на Европското првенство.
Пешевски преку својот Инстаграм-профил ја сподели веста за хуманитарната аукција, упатувајќи повик за поддршка на Петрушевски и неговото семејство.
„Хуманоста не познава граници, вера и националност. Да бидеш хуман е доблест и човечка особина која секој од нас ја носи во себе. Спортот и спортистите знаеле и знаат да пружат рака кога е најпотребно. Секој од нас води битки во животот. Некои на терените за своите клубови и репрезентации, а некои во секојдневието, борејќи се за подобро утро за себе и за своето семејство.
Еден од нив е и Стефан Петрушевски. Го игра најважниот натпревар и ја води најголемата битка во својот живот. Другар, пријател, професионалец во својата професија, грижлив родител и сопруг. Потребно е да му помогнеме и знам дека ќе успееме во оваа хуманитарна мисија.
Поради сето горенаведено, со една цел – Стефан да успее во своето најважно животно поглавје – денес го објавувам овој дрес на ракометната репрезентација на Македонија, за кој не треба да се трошат зборови. Сите знаеме што значи и каков симбол на успех и заедништво претставува за целата наша држава во моментите кога игра Македонија.
Почетната цена за дресот со потписи од сите играчи кои беа дел од последниот натпревар меѓу Македонија и Романија на Европското првенство е 6.000 денари. Оваа мини-аукција ќе трае до петок во 21:00 часот. Средствата ќе бидат донирани.
Контакт – ДМ“, напиша Пешевски на својот Инстаграм-профил.