Џенаро Гатузо оваа сезона игра одлично со својот Лацио, во моментов го дели првото место со Интер, со ист број бодови. „Газета дело Спорт“ денеска пишува за методите и правилата на Гатузо со кои тој го прави тимот подобар.
Станува збор за неколку принципи околу кои Рино не прифаќа никакви компромиси.
„На почетокот од тренерската кариера се лутев за многу работи што ги гледав кај играчите и кои ги сметав за апсурдни. Потоа сфатив дека јас сум тој што греши. Денешната генерација фудбалери е сосема поинаква од претходните. Сфатив дека морам да ги пуштам да бидат она што се, а потоа да побарам и да добијам максимална соработка околу два или три клучни принципи. Откако го сменив пристапот, работите целосно се променија. На подобро“, објасни Гатузо.
Правилата на Гатузо
Пеколните жештини во Формело во средината на јули тешко можат да се сметаат за идеални услови за градење тим преку воведување неколку строги правила. Но, Гатузо успеа во тоа зборувајќи им на своите играчи отворено и директно.
Пред сè, им порача дека сака само играчи кои искрено веруваат во неговиот проект, а сите оние што не се убедени ги повика да си побараат друг клуб. Потоа јасно им објасни дека ќе им дозволи работи што Гатузо како играч би ги сметал за лоши, како на пример користење мобилни телефони за време на физиотерапевтските третмани. За возврат, сепак, ќе бара целосно придржување до неколку јасно дефинирани правила.
Првото е точноста. Никој и никогаш не смее да задоцни на тренинг. Исклучоци не се дозволени, само кога нешто ќе тргне наопаку. „Тоа ми се случи и мене пред неколку недели“, откри тренерот. „Портата на влезот од мојот двор се заглави. Ја прескокнав и сепак успеав да стигнам во Формело на време.“
Второто правило е професионализмот. Тренинзите се светост и на нив мора секогаш да се доаѓа во соодветна психичка и физичка состојба. „Може да се случи некоја вечер да останеш надвор до доцна и да претераш. Но, тоа мора да го пријавиш однапред. Подобро е да пропуштиш тренинг отколку да го уништиш со несоодветно однесување“, додаде Гатузо.
Третото правило е лојалноста. Тоа се однесува на односот со тренерот, но пред сè на односите во соблекувалната. „Работите мора да им се кажуваат на луѓето в лице. Соочувањата се корисни и проблемите мора да се решаваат веднаш, меѓу нас. Секогаш сум бил таков, и како играч и како тренер.“
Четвртото и последно правило се однесува на важноста на грижата за себе, односно на сè она што фудбалерите го прават надвор од теренот за да ја одржат физичката подготвеност. „Закрепнувањето е подеднакво важно колку и тренингот. Ако претерате со оптоварувањето, подоцна ќе ја платите цената.“



