Ситуацијата во Манчестер јунајтед е далеку од идеална. Резултатите не одат во посакуваната насока, тимот има само една победа во Премиер-лигата оваа сезона, а проблеми има и во Лигата на шампионите. Според медиумите, прв на удар е тренерот Мајкл Керик.
Сепак, навивачите на „црвените ѓаволи“ имаат поинакво мислење за кризата. Според нив, главната одговорност за лошите резултати ја сносат фудбалерите и клупското раководство. Тие не се задоволни ниту од последниот преоден рок, а по неделниот натпревар против Борнмут дури му дадоа поддршка на Керик.
Сега пред Манчестер јунајтед следува нов голем предизвик, дуелот со Челси. Евентуален пораз на овој натпревар би можел дополнително да ја разниша позицијата на Керик, па не е исклучена можноста раководството да му врачи отказ и покрај тоа што претходно јавно соопшти дека има доверба во стручњакот.
Интересно е што финансискиот аспект не би бил голема пречка за клубот доколку се одлучи на таков чекор. Керик во договорот има клаузула според која, во случај на отказ, би добил исплата само до крајот на актуелната сезона, иако неговиот договор важи до 2028 година.
Тоа значи дека Манчестер јунајтед би требало да му исплати помалку од пет милиони фунти доколку одлучи да ја прекине соработката со тренерот.