Македонската кошаркарска репрезентација денеска со почеток од 16:05 во Виена ѝ гостува на селекцијата на Австрија во меч од втората фаза во претквалификациите за пласман на ЕВРО 2029.
Капитенот, Војдан Стојановски, вели дека мора да бидеме перфектни во текот на целиот дуел за да дојдеме до посакуваната победа.
„Нашата цел е јасна – победа против Австрија. Но, за да го оствариме тоа, ќе мора да бидеме перфектни и борбени во текот на сите 40 минути. Не треба да нè залажува нивниот пораз од Кипар. Играат на домашен терен и тука секогаш се менуваат работите. Имаме добар тим. Штета што го немаме и Андреј Јакимовски, бидејќи за првпат ќе бевме комплетни. Иако имавме малку проблеми со здравствениот билтен, сепак трениравме добро и се подготвивме за овој натпревар. Се надевам дека и ние ќе имаме поддршка од трибините. Македонците во Австрија најавија поддршка, која ќе биде од огромно значење“, истакнува Стојановски за сајтот на КФМ.
Денешниот меч за Стојановски ќе биде 99. во националниот тим, наскоро ќе дојде и јубилејниот 100. натпревар за Македонија.
„За мене отсекогаш било чест и задоволство да играм за Македонија. Секогаш со голема гордост го носам националниот дрес и сакам да дадам сè од себе за репрезентацијата. Без разлика колку настапи имаш зад себе, секој нов натпревар е посебен и секогаш имаш дополнителна мотивација кога играш за својата земја. Во спортот има тешки моменти, има и моменти кога можеби е најлесно да се откажеш, но кога станува збор за Македонија, секогаш наоѓаш сила да продолжиш. Знаеме што ни значи овој дрес и ќе се бориме до крај, на секој натпревар, да го дадеме нашиот максимум“, вели капитенот на Македонија.
„Мојот прв повик за сениорскиот национален тим беше во 2008 година, од тогашниот селектор Јовица Арсиќ. Тоа беше остварување на сонот – да играм покрај Перо Антиќ, Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски… Навистина беше преголемо искуство за мене. Многу учев од секој тренинг, од однесувањето, па сè до пристапот кон работата. Секој тренинг за мене беше како да играм натпревар. Жарот во тоа време беше таков. Најважно од сè е што бев добро прифатен и никогаш не ми недостасувало нешто“, се потсетува Стојановски.
Неизбежен дел од неговата репрезентативна кариера е и историското Европско првенство во 2011 година, кога Македонија го оствари најголемиот успех во својата кошаркарска историја.
„Европското првенство во 2011 година е на прво место. Се сеќавам како да беше вчера – од успехот што го постигнавме, до сите тие месеци што ги минавме заедно. Бевме како едно семејство. Го паметам секој натпревар, од првиот до последниот.“