Новото засилување на МЗТ Скопје, американскиот кошаркар Лесли Ворнер, има позитивни импресии од стартот на новото поглавје во неговата кариера.
Тој за официјалниот сајт на МЗТ Скопје вели дека ужива во сè што нуди Аеродром како населба.
„Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома“, вели Ворнер.
„Не знаев премногу пред да дојдам. Минатата година играв во Грција, па знаев за Македонија бидејќи бев во соседство. Но, немав детални информации, па сигурен сум дека сега ќе научам многу повеќе за средината во која ќе бидам во следниот период“.
„Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба“.