Венус Вилијамс продолжи со поразите и денеска загуби од 18-годишната Австријка Лили Тагер со 6-2, 6-2.
За 46-годишната американска тенисерка ова е 13. пораз во исто толку одиграни сингл-мечеви оваа година. Разликата од 28 години меѓу Вилијамс и Тагер, според извештаите, претставува рекорд во возрасната разлика меѓу противничките во еден натпревар од ВТА-турнирите.
Тагер е родена во 2008 година, истата година кога Вилијамс ја освои последната од своите седум грен-слем титули во сингл-конкуренција, на Вимблдон. Вилијамс моментално се наоѓа на 599. место на светската ранг-листа, а ова беше нејзин прв сингл-натпревар по пауза од два месеца и настапот на УС Опен, каде што во првото коло загуби од Софија Кенин.
Вилијамс сега е во серија од 16 последователни порази во сингл-конкуренција на турнирите, сметајќи од јули минатата година. На дуелот против Тагер, која е 53. тенисерка во светот, двете имаа по 63 отсто успешност на првиот сервис. Сепак, Вилијамс освои 60 отсто од поените по својот прв сервис, додека нејзината противничка ги освои сите поени по првиот сервис.
Вилијамс не успеа да освои ниту една брејк-топка, додека Тагер искористи четири од вкупно 16 можности за одземање на сервисот на Американката.
Во истото коло беше елиминирана и Софија Кенин, која загуби од Кејтлин Кеведо со 6:4, 6:7 (5), 6:4.