Фудбал

Вардар ја пречекува Струга во битката за врвот, Силекс гостува на Автокоманда

Вардар ја пречекува Струга во битката за врвот, Силекс гостува на Автокоманда

Актуелниот првак има тешка задача против еден од кандидатите за титулата сезонава. Четата на Миодраг Божовиќ бара и „рехабилитација“ после поразот од Тиквеш во Купот.

Шкендија и после ова коло ќе остане лидер на табелата во Првата македонска фудбалска лига по победата во Штип, но денеска Вардар и Струга ТЛ денеска од 14:00 часот на ТЦ „Петар Милошевски“ во Скопје ќе бијат исклучително важна битка за врвот на табелата.

Нерешено најмногу би им одговарало на тетовци, меѓутоа и Вардар и Струга ТЛ сакаат со триумф да се доближат до тетовската екипа во финишот на есенскиот дел од сезоната во ПМФЛ.

Вардар ќе бара и рехабилитација за поразот од Тиквеш во Купот, но пласманот во следната фаза за скопските „црвено-црни“ е можен, откако се најде административна грешка кај кавадарчани, па така од таборот на актуелниот првак се надеваат дека можно е да се пласираат во 1/4 финалето.

Сега целиот фокус е насочен кон мечот против Струга ТЛ, кој исто така има свои математики во борбата за титулата сезонава.

„Играме дерби натпревар против Струга Трим Лум и ќе се обидеме да ја продолжиме успешната низа на резултати кои ги имаме во првенството. Посакуваме три бода, со оглед дека нашите амбиции се да стигнеме до првата позиција на табелата. Минатиот натпревар од Купот е заборавен и се надеваме дека тоа беше само еден лош ден. За да стигнеме до успех на денешниот меч со Струга Трим Лум, ќе мораме грешките да ги сведеме на минимум“, изјави Ѓоргије Јанкулов.

Од таборот на Струга ТЛ го почитуваат тимот на Вардар и најавуваат дека ќе одат на победа.

„Против Вардар нè очекува тежок натпревар, исто како речиси секоја недела во првенството. Во Скопје одиме да одиграме добар натпревар и ќе се обидеме да победиме. Секако, мора да го почитуваме противникот и да го дадеме максимумот од наша страна“, изјави Шкемби.

Тренерот на Струга Трим Лум се осврна и на борбата за врвот на табелата, за важноста на денешниот дуел со Вардар како и на следниот предизвик против Шкендија Тетово, нагласувајќи дека сè уште е рано овие средби да се прогласат за решавачки.

„Не мислам дека станува збор за пресудни натпревари, ниту овој против Вардар, ниту следниот што нè очекува против Шкендија. Првенството има уште многу натпревари и има доволно време за надополнување на бодовите, без оглед на моментната ситуација“, порача стратегот на Струга ТЛ.

Денеска се играат уште два натпревари. На стадионот во Автокоманда, Скопје го пречекува тимот на Силекс во обид да ја прекине лошата низа на резултати. Кратовскиот тим, пак, се надева дека ќе продолжи со успешната серија во ПМФЛ. Тој натпревар се игра од 12:00 часот.

Колото ќе се комплетира со дуелот помеѓу Башкими и Арсими во Куманово, важен меч во битката за опстанок.