По осум години пауза, Вардар повторно ќе настапи во квалификациите за Лигата на шампионите. Македонскиот првак на домашен терен ќе го пречека шампионот на Финска, КуПС, во првиот натпревар од воведното квалификациско коло.
Финскиот претставник доаѓа во Скопје како екипа која минатата сезона остави силен впечаток во Европа. КуПС стигна до лигашката фаза во Конференциската лига, а потоа избори и место во плејофот, што е најголемиот европски успех во клупската историја. За разлика од Вардар, кој сè уште ја темпира формата, КуПС е во натпреварувачки ритам бидејќи финското првенство е во тек. По 15 одиграни кола тимот е лидер на табелата, а прво име во нападот е Никарагванецот Хаиме Морено со осум постигнати голови.
Во меѓувреме, Вардар влезе во нов циклус со Кристијан Фабијани на тренерската клупа. Аргентинецот го наследи Гоце Седлоски, а најголемо летно засилување е Герсон Родригеш, најдобриот стрелец во историјата на Луксембург и фудбалер кој зад себе има настапи во Лигата на шампионите.
Иако КуПС има предност поради натпреварувачкиот ритам, во таборот на Вардар веруваат дека со поддршка од трибините можат да дојдат до резултат кој ќе им даде реални шанси пред реваншот во Финска.
Директен пренос од натпреварот меѓу Вардар и КуПС ќе може да проследите на Арена М3 Премиум.