Фудбал

Вардар ја плати казната од 250.000 евра кон УЕФА поради неправилности направени пред 2024 година

Вардар ја плати казната од 250.000 евра кон УЕФА поради неправилности направени пред 2024 година

ФК Вардар денеска ја подмири казната во висина од 250.000 евра кон УЕФА, која произлегува од неправилности направени во периодот пред 2024 година, соопштија од клубот.

Актуелните шампиони денеска ја исплатија сумата кон Европската фудбалска унија, со што е затворен случајот кој во изминатите месеци предизвика сериозни проблеми за клубот.

Казната се однесува на неправилности, манипулации, фалсификувани документи и други незаконски дејствија направени во периодот пред летото 2024 година, односно од страна на претходните сопственици, акционери и членови на Одборот на директори.

УЕФА во текот на својата десетмесечна истрага утврдила низа неправилности во работењето на клубот. Меѓу најсериозните се двојните договори со фудбалерите Дарко Глишиќ и Мартин Блажевски, кои биле потпишувани во сезоната 2023/24, стои во објавата на клубот.

Покрај тоа, биле констатирани и исплати на средства преку други сметки, недостаток на соодветна сметководствена документација, како и низа други неправилности наведени во образложението на одлуката на УЕФА, велат од ФК Вардар.

Од клубот потенцираат дека станува збор за периодот пред летото 2024 година, односно пред доаѓањето на актуелното раководство.

Покрај финансиската казна, Вардар доби и тригодишен условен период со засилен мониторинг. Тоа значи дека доколку во следните три години клубот повторно направи сличен прекршок, може да следува суспензија од европските натпреварувања.