Ракомет

Вардар ја брка првата победа во Лигата на шампионите против Висла Плоцк

Вардар ја брка првата победа во Лигата на шампионите против Висла Плоцк

„Црвено-црните“ вечерва во „Јане Сандански“ го пречекуваат полскиот шампион во натпревар од третото коло.

Ракометарите на Вардар вечерва ги очекува нов предизвик во Лигата на шампионите, а противник ќе биде полскиот првак Висла Плоцк.

По двата одиграни натпревари во елитното европско натпреварување, „црвено-црните“ сè уште ја чекаат првата победа. Вардар на стартот загуби на гостувањето кај Мелсунген, додека во второто коло на домашен терен беше поразен од Нант.

Токму затоа дуелот со Висла Плоцк има големо значење за македонскиот претставник, кој пред своите навивачи ќе се обиде да стигне до првите бодови.

„Знаеме во каква група сме. Ни доаѓа Висла која е во топ 10 тимови во Европа. Екипа која долго време е заедно и која се познава многу добро. Висла полека го презема епитето најдобар тим во Полска. Ги анализиравме добро и верувам дека со добра енергија и полна сала ќе дојдеме до позитивен резултат и освојување на први бодови сезона. За притисок не можам да зборувам бидејќи знаете дека мој став е дека притисокот е привилегија. Не може без тешко денови и без порази да стигнеш до успех“, изјави Чупиќ.

Висла, од друга страна, во Скопје доаѓа со сериозно европско искуство и тим кој во изминатите сезони редовно се натпреварува на највисоко ниво. Полскиот состав има амбиции да се пласира во нокаут-фазата и сигурно нема лесно да се откаже од бодовите.

Вардарци ќе мора да одиграат дисциплинирано во двата правци, со посебен акцент на одбраната и реализацијата на создадените шанси. Голема поддршка се очекува и од трибините во „Јане Сандански“, каде што атмосферата традиционално е еден од најголемите адути на македонскиот шампион.

Натпреварот е закажан за 20:45 часот, а Вардар ќе се обиде со триумф да го отвори својот бодовен конто во новата сезона од Лигата на шампионите.