Денеска Вардар со почеток од 18:45 часот во салата „Јане Сандански“ го пречекува Мелсунген во последното коло од ракометната Лига на шампиони.
Вардарци ги загубија шансите за пласман во следната фаза од најважното ракометно натпреварување, но не и желбата за победа на утрешниот натпревар.
Така беше и во Нант кога момците на Чупиќ без резултатски императив убедливо го совладаа фаворитот. Вардар ќе се обиде истото да го направи и денеска и првпат оваа сезона да победи европски натпревар во „Јане“.
Вардаровите ракометари се чувствуваат должни кон навивачите кои им даваат голема поддршка на натпреварите, но уште не се израдувале на домашен триумф.
„По два порази во „Јане Сандански“ сакаме да победиме и да им подариме на навивачите триумф. Тие нè бодреа максимално, сакаме да им се оддолжиме на нашите навивачи и да им кажеме да не се откажуваат од нас дека имаме уште цела сезона пред нас и во Лига Европа и во македонската лига“, рече Иван Чупиќ.
Со денешниот меч Вардар ќе ја затвори сезоната во Лигата на шампионите, но ќе остане во Европа, ќе се префрли во второто по ранг европско клупско натпреварување каде целта ќе биде да се стигне на завршниот фајнл-фор турнир.
Натпреварот меѓу Вардар и Мелсунген ќе го пренесуваме на Арена М2 Премиум, а програмата ќе започне со емисија од студио во 18 часот.