Ракомет

Вардарова лекција за Пелистер за перфектни девет од девет во Суперлигата

Вардарова лекција за Пелистер за перфектни девет од девет во Суперлигата

Вардар славеше голема победа во дербито со битолскиот состав со 31:23, и ја продолжи перфекцијата во Суперлигата.

Носени од својата публика и „Комитите“ и во одлична атмосфера во СЦ Јане Сандански, ракометарите на Вардар го добија големото дерби против Пелистер со 31:23, и со тоа останаа перфектни на чело на табелата во ракометната Суперлига, нанесувајќи му го првиот пораз на битолскиот состав оваа сезона во домашното првенство. Дополнителен декор додадоа и „Чкембарите“ кои пристигнаа во финишот на првиот дел, па атмосферата беше дополнително „запалена“ во скопската  сала.

Само на стартот на мечот Пелистер имаше егал од 1:1 и 2:2, а откако дојдоа до предност од 3:2, не ја испуштија вардарци до крајот на мечот, туку само ја зголемуваа. До крајот на полувремето „црвено-црните“ немаа поголема разлика од три гола, предност со која заминаа на полувреме 15:12.

Во вториот дел веднаш домашните заминаа на +4, Пелистер само успеа да намали на 16:15 со серија од 0:3, меѓутоа потоа врати Вардар со низа од четири гола, се одлепи на 20:15, и тоа се чини беше клучната разлика од која не можеше битолскиот состав да се опорави.

Брзо избраниците на Иван Чупиќ заминаа на шест голови предност (22:16) благодарение на одличната реализација и на Гогов, а потоа со нова серија, со одлична одбрана и со перфектен напад стигнаа варарци и до највисоките осум (25:17) во 47-мата минута од средбата. Оваа разлика Вардар ја држеше и во следните пет минути, иако имаше можности и за поубелива предност. Пелистер успеа во 55. минута да намали, и да стигне до минус шест гола негатива, и беше јасно дека им треба одлична одбрана и прецизен напад ако сака да се надева дека може да извлече позитивен резултат.

Но долго време на семафорот беше 29:23, Пелистер не реализираше неколку напади, и со тоа целосно згасна нивната надеж дека може да остане непоразен на ова гостување во Скопје, а на тоа Вардар додаде и два гола за конечни 31:23.

Љевар со седум голови беше најефикасен кај победничкиот тим. Педро после него следуваше со шест. Кај Пелистер, најефикасен беше Кузмановски кој уфрли девет погодоци, но ја немаше поддршката од своите соиграчи. После него Пешевски со четири беше најефикасен.

Полувреме 15:12.

Највисоките 25-17 и 26-18 во 47 минута од средбата.