Кошарка

Валенсија пресилна во вториот дуел за изедначување на 1-1

Валенсија пресилна во вториот дуел за изедначување на 1-1

Кошаркарите на Валенсија стигнаа до убедлива победа во вториот натпревар од финалната серија, изедначувајќи на 1-1. Ако во првиот натпревар бевме сведоци на огромна неизвесност до последната секунда, во вториот видовме една зрела и квалитетна игра на „портокаловите“ коишто го имаа натпреварот под целосна контрола уште од првиот свиреж на судијата. Крајниот резултат на семафорот гласеше 102-75.

Играчите на Педро Мартинес влегоа во натпреварот особено мотивирани, стекнувајќи извонредна првична предност од 11-0. Најзаслужни за тоа беа Жон Монтеро којшто влезе исклучително агресивно и придонесе, како од транзициона игра, така и од позициона игра и Брекстон Ки со играта во рекетот.

Првите поени за Барселона ги постигна искусниот Јан Весели по една одлична акција од тајмаутот на Паскуал во која од една „крос“ блокада (блокада во близина на рекетот за да се отвори играчот на спротивната страна), погоди шут од полудистанца. Сепак, тоа не ги разбуди Каталонците доволно затоа што на другата страна, Јанкуба Сима имаше одлична улога во првата четвртина со активноста во скокот и агресивноста во поените на обрач, а не изостана и неговиот придонес во одбраната со штитењето на обрачот и заградувањето на скокот. На крајот на првата четвртина, Жон Монтеро којшто повторно беше најефикасен во екипата на Валенсија со 19 поени, 5 скокови и 6 асистенции, успеа да погоди еден исклучително тежок шут од една нога со контакт за +15 (26-11).

За разлика од првата четвртина која не почна ефикасно, втората најави многу поинтересно продолжение од натпреварот со динамична игра и носење брзи одлуки на двете страни. Валенсија продолжи со својата константна игра, а најзаслужен за тоа беше Монтеро кому му беше потребно многу малку простор за да понуди извонредни решенија во нападот преку читањето на „пик-ен-рол“ одбраната на Барса и агресивноста во одбраната за лесни поени од контранапад. Од друга страна, Барса успеваше да пронајде решенија со доброто движење на топката во нападот, со „шпанскиот пик-ен-рол“ и со поените од транзиција, а особено расположен во овој дел од натпреварот беше Томаш Саторански со својот неверојатен преглед на играта за 35-22.

Во продолжението од четвртината, „црвено-сините“ успеаја да фатат сериозен приклучок со помош на луцидноста на Николас Лапровитола и борбеноста и снаодливоста на Торнике Шенгелиа, приоѓајќи на само -6 (37-31) и принудувајќи го Мартинес да побара тајмаут.

Остатокот од втората четвртина беше исполнет со наизменични добри напади или грешки на двете страни од теренот, но и со феноменален ритам на екипата на Валенсија која претставуваше „хит“ во овогодинешната Евролига со концепт сличен на екипата на Париз кој стана препознатлив за францускиот состав уште пред 2 сезони под водство на финскиот стратег Туомас Иисало. Двете екипи заминаа на големиот одмор со резултатот 45-38.

Во второто полувреме само една екипа се прашуваше, а тоа беше Валенсија која од самиот почеток го диктираше темпото и со разновидни решенија во нападот, успеа да направи чувствителна разлика која со текот на времето само се зголемуваше. Се стекна впечаток дека немаше нешто што не им појде од рака на избраниците на Мартинес, а посебно прецизни беа во шутот за 3 како одговор на зонската одбрана на Каталонците за огромни +23 на крајот на третата четвртина (75-52).

Четвртата четвртина беше само потврда на фантастичниот натпревар на Валенсија која не престана со одличниот шут зад линијата за 3 поени кој на крајот гласеше 11/21 (52%). Играчот којшто беше најпрецизен во шутот од далечина беше македонскиот репрезентативец Омари Мур, погодувајќи 3 од 4 тројки. На 3 минути и 16 секунди до крајот на натпреварот, „лилјаците“ ги имаа највисоките +36 (100-64), а крајниот резултат гласеше 102-75.

За разлика од првиот натпревар во кој Барселона стекна голема предност во шутот за 3 поени, на овој натпревар Валенсија беше онаа која направи голема разлика со помош на прецизниот шут од далечина. Меѓу клучните статистички параметри се вбројуваат и скоковите. Валенсија е позната како екипа која има контрола на скокот во текот на целата сезона, а уште еднаш го потврди истото со 42 фатени наспрема 34 на гостите. Далеку потимска игра прикажаа „портокаловите“ и тоа е видливо во соодносот на асистенции (20 наспрема 15), но и во самото движење на топката во нападот во кој секогаш несебично се бараше отворениот играч за реализација. Во екипата на Валенсија, Брекстон Ки го следеше најрасположениот Монтеро, придонесувајќи за победата со 15 поени, 6 скокови и 2 асистенции. Што се однесува до Барса, најефикасен Џоел Пара со 16 поени и 3 скокови, а го следеше Николас Лапровитола со 14 поени и 4 асистенции.

Третиот натпревар од финалната серија која ќе се пресели во Барселона, е закажан за понеделник, 22-ри јуни во 20 часот во Палау Блауграна арената во Барселона.