Фудбал

Бруно „удри“ по Карик по бродоломот во Комо: Тоа прашање е за него, треба да играме похрабро

Бруно „удри“ по Карик по бродоломот во Комо: Тоа прашање е за него, треба да играме похрабро

Португалецот смета дека Манчестер Јунајтед требало да биде поагресивен во пресингот, наместо да му остава простор на италијанскиот тим.

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, отворено ја доведе во прашање тактиката на својот тим по убедливиот пораз од Комо (1:4) во третото коло од лигашката фаза на Лигата на шампионите.

Португалскиот репрезентативец посочи дека стручниот штаб предводен од Мајкл Карик одлучил да не се применува персонален пресинг, туку да му се остави простор на противникот и да се чека можност за освојување на топката.

„Тоа беше одлука на стручниот штаб – да не се игра персонален пресинг, туку понекогаш да се остава простор зад линиите и да се обидуваме да ја освоиме топката, чекајќи го противникот. Но, кога на вакви тимови ќе им оставите простор, тие добиваат самодоверба“, изјави Фернандеш во интервју за „ТНТ Спортс“.

На прашањето дали смета дека Карик избрал погрешна тактика, капитенот на „црвените ѓаволи“ не сакаше директно да го обвини тренерот, но испрати јасна порака дека тимот морал да преземе поголем ризик.

„Тоа е прашање за тренерот и неговиот стручен штаб, а не за мене. Понекогаш треба да бидете похрабри кога противникот ве притиска, да преземете ризик и да извршите притисок за да му ја отежнете играта“, додаде португалскиот фудбалер.

Поразот од 1:4 е тежок удар за Манчестер Јунајтед, кој не успеа да му парира на Комо и покрај големите очекувања пред натпреварот. Италијанскиот тим ја искористи тактичката поставеност на гостите и стигна до убедлив триумф.