Фудбалерите на Брегалница денеска гостуваат кај Арсими во 11. коло од Првата македонска фудбалска лига во обид да стигнат до првата победа на гостински терен, додека Тиквеш ќе го пречека Башкими во обид да стигне до нови три поени.
Екипата од Штип врза два порази по ред во лигата, а со добри резултати не може да се пофали ниту Арсими кој има три ремиија и два порази на последните пет натпревари во македонската елита.
Мартин Стојанов од Брегалница најави дека ќе одат на победа во Гостивар и ќе дадат сè од себе на теренот.
„На секој натпревар одиме на победа, без разлика дали играме дома или на гости. Знаеме дека на гости играме потешко, но мислам дека е добар момент да дојдеме до првиот гостински триумф. Не смееме да потцениме никого, но ќе дадеме сè од себе да стигнеме до трите бода иако сме свесни дека задачата ќе биде тешка. Атмосферата во екипата е добра, сите сме подготвени да дадеме максимум и да ја исполниме целта, да дојдеме до добар резултат“, вели Стојанов.
Натпреварот меѓу Арсими и Брегалница се игра од 12 часот во Гостивар.
Тиквеш е во добар ритам во последниот период и во последните пет натпревари освои девет поени, односно запиша две победи и три ремија.
Башкими, од друга страна, има само две победи оваа сезона, едно реми и дури седум порази, па ќе има пеколно тешка задача да избегне неуспех во Кавадарци.
„Нè очекува тежок натпревар. Не смееме да потцениме никого и да не нè залажува тоа што Башкими загуби на домашен терен минатото коло од Силекс. Ние веруваме во нашите квалитети и како и на секој натпревар одиме на позитивен резултат. Атмосферата во екипата е на високо ниво од самиот почеток, максимално сме подготвени и мотивирани и се надевам дека со добра игра ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи“, вели Теодор Николовски од Тиквеш.
Пресметката меѓу Тиквеш и Башкими е закажана од 14 часот во Кавадарци.