Германскиот клуб воведува посебен „Фан-мод“ во својата апликација, преку кој навивачите ќе собираат поени ако ги држат телефоните заклучени за време на натпреварите.
Борусија Дортмунд започнува интересна иницијатива со која сака да ги поттикне навивачите повеќе да се посветат на случувањата на теренот, наместо да гледаат во екраните на своите мобилни телефони. Клубот ќе ги наградува оние што ќе се воздржат од користење на телефоните за време на натпреварите на стадионот „Сигнал Идуна Парк“.
Во соработка со компанијата „Водафон“, Дортмунд воведува нова опција наречена „Фан-мод“ во официјалната клупска апликација. Навивачите доброволно ќе можат да ја активираат функцијата, која ќе го следи времето во кое нивните телефони остануваат заклучени за време на натпреварот.
За секоја минута во која екранот е заклучен, корисниците ќе добиваат поени. Секое отклучување ќе го намалува бројот на освоени поени, додека паузата меѓу двете полувремиња нема да се пресметува. По последниот судиски свиреж ќе се направи конечниот пресек, а најуспешните учесници ќе имаат можност да освојат награди.
Меѓу подароците се потпишани дресови на Борусија Дортмунд и ваучери за купување производи од официјалната клупска продавница. За да се потврди дека учесниците навистина се на стадионот, апликацијата ќе бара пристап до локацијата на нивниот телефон.
Иницијативата првпат ќе биде достапна на саботниот натпревар против Ајнтрахт Франкфурт, а потоа ќе се применува на сите домашни натпревари на германскиот клуб.
„Повеќе од 81.000 луѓе на стадионот пеат, навиваат и заедно ги доживуваат емоциите од натпреварот. Тој момент, тука и сега, е незаменлив“, изјави генералниот директор на Борусија, Карстен Крамер.
Од клубот нагласуваат дека учеството е целосно доброволно и дека нема забрана за користење мобилни телефони на трибините. Целта е навивачите да ја почувствуваат атмосферата на стадионот и да бидат повеќе присутни во моментот, наместо да се фокусираат на фотографирање, преноси во живо и социјалните мрежи.