Фудбал

Белгија лесно ги победи Американците, не помогна интервенцијата на Трамп (ВИДЕО)

Белгија лесно ги победи Американците, не помогна интервенцијата на Трамп (ВИДЕО)

По елиминациите на Канада и Мексико во осминафиналната рунда, Светското првенство остана и без последниот, трет организатор на турнирот, откако репрезентацијата на САД доживеа убедлив пораз од Белгија со 4-1.

Американскиот напад на овој дуел го предводеше Флоријан Балогун. Тој се најде во стартниот состав откако Доналд Трамп лично интервенираше до ФИФА да му биде избришан црвениот картон, но напаѓачот на теренот не направи речиси ништо и остана целосно незабележлив.

Белгијците фуриозно го отворија натпреварот и дојдоа до предност уште во 9. минута, кога Раскин одлично го пронајде Де Кетеларе, кој погоди за рано водство од 1-0.

Американците успеаја да се вратат во игра во 31. минута. Тилман изведе слободен удар, при што топката налета на живиот ѕид, комплетно го измами белгискиот чувар на мрежата и заврши зад неговиот грб за израмнување на 1-1.

Сепак, радоста на САД беше краткотрајна бидејќи по само две минути игра Де Кетеларе одново стапи на сцена. Овојпат, на додавање од Тросар, тој по вторпат ја затресе мрежата за предност на „црвените ѓаволи“ од 2-1, резултат со кој се замина на одмор.

Прашањето околу победникот дефинитивно беше решено по 13 минути игра во второто полувреме. Ванакен максимално ја искористи кардиналната грешка на американскиот голман и рутински ја смести топката во голот за 3-1.

Печатот на убедливиот триумф го стави искусниот Ромелу Лукаку, кој во 93. минута ја затресе противничката мрежа за конечни 4-1.

Во четвртфиналето, селекцијата на Белгија ќе ги одмери силите со Шпанија, која претходно славеше во соседското дерби против Португалија.