Според шпанските медиуми, Ханси Флик добил забрана од Барселона да зборува за Жозе Мурињо на прес-конференциите, каталонскиот клуб не сака да влегува во психолошки војни со Португалецот кој е познат по тоа.
Флик откако е дојден во Барселона изгради имиџ на тренер кој има смирен пристап кон медиумите и не прави контроверзии и скандали. Барселона сака таквиот тон на Германецот да продолжи и по доаѓањето на Мурињо.
Барселона го запознала Флик со историјата на Мурињо против Пеп Гвардиола и Тито Виланова, тогаш дуелите на Реал и Барса изобилуваа со тензија и непријатна атмосфера која почнуваше уште на прес-конференциите.
Пораката од Барселона за Флик била недвосмислена: „Ниту збор за Мурињо или Реал Мадрид“.
Флик засега се држи до таа директива, иако Мурињо веќе испрати први јавни пораки. Португалскиот тренер го спомена случајот Негреира, а истовремено ја пофали работата на Флик и спортскиот директор Деко.
Кога новинарите во пресрет на првенствениот натпревар против Елче го прашаа за враќањето на Мурињо, Флик ја прекина расправата. Кратко одговори: „Дали утре играме против Реал Мадрид? Тогаш прашувајте ме за Елче“.
Стратегијата на Барселона е да не му даде на Мурињо материјал за медиумски конфликти. Во клубот се надеваат дека со игнорирање на темата ќе го задржат фокусот на фудбалот и ќе го заштитат тимот од надворешни влијанија.
Иако се чини дека пристапот на Мурињо засега е помалку конфликтен од претходно, во Барселона остануваат претпазливи поради неговите познати психолошки методи. Сметаат дека португалскиот тренер би можел да се врати на старите тактики доколку процени дека со тоа може да го дестабилизира противникот.
Стратегијата на Флик ќе биде ставена на испит на 25 октомври, кога Барселона го пречекува Реал Мадрид во првото Ел Класико сезонава. Натпреварот на Камп Ноу ќе значи дека германскиот тренер нема да може да ги избегне прашањата за Мурињо и нивното ривалство.