Кошарка

Барса на крилјата на фантастичниот Клајбрн, поуспешна во исклучително драматичната завршница

Барса на крилјата на фантастичниот Клајбрн, поуспешна во исклучително драматичната завршница

Клубот од Блауграна ја започна финалната серија на одличен начин, победувајќи на гости против Валенсија и на тој начин правејќи „брејк“ и преземајќи ја предноста на домашен терен во свои раце. Во четвртокот, Роџ арената беше сведок на еден од најдобрите натпревари некогаш видени во Ендеса лигата. Каталонците поведоа со 0-1 во серијата откако победи со 112-113 во продолжение, во натпревар кој веќе е со најмногу поени во историјата на финалето – вкупно 215 поени!

Првиот удар го зададоа „лилјаците“ од Валенсија, предводени од бековското дуо Бранку Бадио-Жон Монтеро со почетната препознатлива акција од оваа сезона која тренерот Педро Мартинес ја игра со „ајверсон кат“ (движење во кое напаѓачот од едната страна на теренот трча до спротивната страна, обично минувајќи директно преку поставени блокади на двајца високи играчи на лактите). Освен неа, беа вклучени и лесни поени од транзициона игра, како и позиционен напад со течно движење на топката за првично водство од 15-4.

Сепак, Барселона успеа да се врати со помош на „шпанскиот пик-ен-рол“ и со прецизниот шут зад линијата за 3 поени на Дарио Брисуела за да намали на 19-13.

Следува уште еден премин во „петта брзина“ на играчите во портокалова опрема, предводен од Бадио пред сѐ преку транзиционата игра од која се опасни во текот на целата сезона и ротирањето на играчите во позициониот напад за да се постигне подобар „спејсинг“ (распоред и растојание помеѓу играчите во напад) за повторно високо водство од 27-13.

Барса прави освежување со внесувањето на Џоел Пара во игра којшто придонесува со одлично движење во нападот без топка и со 2 погодени тројки. Но и покрај тоа, Валенсија продолжува во висок ритам и преку „пик-ен-рол“ играта го напаѓа Вили Ернангомес којшто дури од ЕП во 2022-та година, не игра на висината на задачата, а Монтеро и Бадио како главни протагонисти го користат тоа во оваа секвенца за +14 (38-24).

Тренерот на Каталонците, Чави Паскуал, одлучува да го извади од игра Ернангомес поради големите проблеми во одбраната и тоа вродува со плод, затоа што Јан Весели успева да донесе стабилност и со придонес на двете страни од теренот заедно со својот соиграч Кевин Пантер да ја намалат разликата на само –6 (40-34). Обајцата на свој начин играат квалитетно (Весели со својата карактеристична полудистанца од „краток рол“ и навремена одбрана, а Пантер со снаодливоста во играта без топка и со шутот од транзиција).

Монтеро претставуваше огромен проблем за одбраната на „црвено-сините“ од Барселона коишто пробуваа со различни чувари (Мајлс Кејл, Џоел Пара и Вил Клајбрн), да го извадат од ритам, играјќи му „динај“ одбрана (одбранбениот играч е поставен блиску до напаѓачот, на линија на додавање и се користи за да се спречи примањето на топката). Сепак, Монтеро е исклучително интелигентен играч и успева да најде решенија со помош на движењето без топка и со неговите соиграчи коишто му помагаа со блокади, а тој ги казнуваше Каталонците со својата брзина и промена на ритамот. Од друга страна, Барса го држеше темпото и со квалитетниот „шпански пик-ен-рол“ и прецизниот шут за 3 поени, заминаа на полувремето со минус од 5 поени (52-47).

Уште од почетокот на второто полувреме, добивме многу изедначена борба во која Монтеро продолжи да игра на високо ниво, а на другата страна, Николас Лапровитола и Вил Клајбрн беа најзаслужни во играта 2 на 2, како и со излезните движења и движењето без топка. Барселона одигра поагресивна одбрана, а во нападот, стапи на сцена грузијскиот репрезентативец, Торнике Шенгелиа со својот богат репертоар на потези на нискиот пост против Мет Костело и Брекстон Ки за +3 на крајот од третиор период за Каталонците (72-75).

Четвртата четвртина од натпреварот ја понуди можеби и најдобрата кошарка видена во оваа сезона во која имаше од сѐ по нешто: индивидуален квалитет на Лапровитола, казнувајќи го краткото излегување на Костело од пик-ен-рол со 2 тешки тројки, коефициентот на интелигенција на Хаиме Прадија со активност на скокот, играта на низок пост, како и разигрувањето на своите соиграчи, а беа забележани и безброј тактички тренерски надмудрувања за 84-88.

Жон Монтеро веќе сигурно ќе се пресели следната сезона во редовите на европскиот шампион, Олимпијакос, а доказ за тоа зошто баш тие ги посакуваат неговите услуги се токму последните неколку минути од регуларниот дел од натпреварот. Креацијата на сопствениот шут во „мисмеч“ ситуациите (низок против висок) и делењето на асистенции за своите соиграчи беа клучни за да поведат „портокаловите“ со +5 (93-88). Како и да е, тука не беше ставен крајот нанатпреварот, затоа што Клајбрн имаше друг план, па со 3 исклучително изискателни погодени шутеви за 3 поени и со една одлична блокада над Кем Тејлор, успеа да обезбеди продолжение за својата екипа.

Драмата продолжи и во продолжението во кое последниот збор го имаше Пара со своите 2+1 по претходно одличната акција, а Барселона со сопирањето на Валенсија во последниот посед, да стигне до значајна победа од 112-113.

За крај, ќе направиме краток осврт на најважните параметри од екипната и поединечната статистика. Барселона стекна голема предност во шутот за 3 поени (19/38 – 50% наспрема 7/26 – 27% на Валенсија). Од друга страна, играчите на Педро Мартинес беа поуспешни во 2 важни параметри (шутот за 2 и фатените скокови). Шутот за 2 гласеше 36/56 (64%), што е одлично, наспрема 21/37 (57%) на Барса и успеаја да фатат 8 скокови повеќе (40 наспрема 32), но сепак недоволно за победа. Во екипата на Валенсија, најефикасен беше Жон Монтеро со 24 поени, 5 скокови и 7 асистенции, а го следеше Бранку Бадио со 20 поени и 2 асистенции. Што се однесува до Каталонците, најистакнат беше Вил Клајбрн, постигнувајќи 21 поен и со 3 скокови и 1 асистенција до неговото име, а Николас Лапровитола (20 поени, 3 скокови и 7 асистенции), како и Џоел Пара (18 поени, 3 скокови и 2 асистенции) особено беа расположени со своите сестрани изведби.

Следниот натпревар од финалната серија е закажан за сабота, 20-ти јуни во 20 часот во Роџ арената во Валенсија.