Реклама
Arena Sport
Фудбал

Баерн продаде дел од акциите за 250 милиони – клубот сега вреди пет милијарди евра!

Баерн продаде дел од акциите за 250 милиони – клубот сега вреди пет милијарди евра!

Германскиот гигант доби нов акционер, „Висман Генерејшнс груп“, кој влезе во сопственичката структура преку зголемување на капиталот. Клубот од Минхен и натаму ја задржува контролата со 70 отсто од акциите.

Баерн Минхен официјално го продаде последниот достапен пакет акции и од трансакцијата, според медиумските информации, ќе инкасира 250 милиони евра. Нов партнер на германскиот гигант е семејната холдинг-компанија „Висман Генерејшнс груп“, која станува четвртиот малцински акционер во клубот.

Реклама
Arena Sport

Иако првично стануваше збор за пакет од пет проценти, поради зголемувањето на капиталот новиот акционер пресметковно ќе поседува речиси 6,7 отсто од акциите во „Баерн Минхен АГ“. Сепак, мнозинската контрола останува кај клубот, кој задржува 70 проценти од сопственоста.

Досегашните партнери „Адидас“, „Ауди“ и „Алијанц“ ќе имаат по нешто помалку од 7,8 проценти.

Според германските медиуми, со оваа трансакција пазарната вредност на Баерн се проценува на околу пет милијарди евра. Официјалната сума на договорот не е објавена од клубот, но повеќе извори наведуваат дека станува збор за 250 милиони евра.

Претседателот на Баерн, Херберт Хајнер, истакна дека влезот на новиот партнер ја зајакнува сопственичката структура и ја подобрува финансиската позиција на клубот.

Според најавите, средствата првично ќе се чуваат како финансиска резерва, а потоа ќе се разгледуваат можностите за нивно инвестирање. Меѓу проектите се инфраструктурните подобрувања, развојот на спортскиот кампус и проширувањето на капацитетите за работа на клубот.

Хајнер нагласи дека Баерн нема да се претвори во финансиски инвеститор и дека спортскиот успех ќе остане приоритет. Сепак, тој призна дека конкурентноста во европскиот фудбал станува сè поскапа, што бара внимателно финансиско планирање.

„Висман“ со Баерн соработува од 2018 година, а извршниот директор Макс Висман, кој веќе беше дел од советодавните структури на клубот, се очекува да влезе и во надзорниот одбор на акционерското друштво.

Според проценките на германските аналитичари, сега клубот вреди околу 5 милијарди евра.

Реклама
Arena Sport