Фудбал

Баерн Минхен се огласи за состојбата на Компани

Баерн Минхен се огласи за состојбата на Компани

Белгискиот тренер беше итно пренесен во болница откако колабираше по тренингот, а претходно се соочуваше со вирусна инфекција.

Баерн Минхен се најде во центарот на вниманието по здравствениот проблем на тренерот Винсент Компани, кој во петокот колабираше во тренинг-центарот на германскиот гигант и беше пренесен во болница.

Според германските медиуми, инцидентот се случил по завршувањето на тренингот на првиот тим, кога 40-годишниот стратег сакал да ја следи и работата на младинската екипа. Медицинските служби веднаш интервенирале, а Компани со амбулантно возило бил пренесен во болница во Минхен.

Белгиецот имаше здравствени проблеми и во изминатите денови поради вирусна инфекција, поради која пропушти неколку тренинзи и прес-конференцијата пред натпреварот со Арсенал во Лигата на шампионите. И покрај тоа, се врати на клупата за дуелот кој заврши 2:2.

„Винсент Компани денеска мораше да побара медицинска помош откако колабираше за време на тренингот на аматерскиот тим на Баерн. Тренерот на првиот тим го следеше тренингот на вториот состав. Компани ќе биде подложен на детални прегледи во болница и ќе остане под медицински надзор. Во меѓувреме, неговиот тренерски штаб ќе ги води тренинзите и натпреварувачките активности.“, стои во соопштението на Баерн Минхен.

Засега не се објавени официјални детали за причината за колабирањето. Според медиумските извештаи, Компани е во стабилна состојба, но потребни се дополнителни медицински прегледи.

Баерн во недела треба да гостува кај Фрајбург во Бундеслигата, а останува неизвесно дали тренерот ќе може да го предводи тимот.