Хулиета Гаљего имала само 24 години, а нејзината смрт ја потресе шпанската атлетска заедница. Таа е една од жртвите во несреќата во која, според медиумските извештаи, загинале 69 лица.
Шпанскиот спорт е завиен во црно по трагичната смрт на младата атлетичарка Хулиета Гаљего, која го загуби животот во тешката железничка несреќа во Урда, во покраината Толедо.
Гаљего имала само 24 години и настапувала за мадридскиот атлетски клуб АД Спринт. Таа е една од жртвите во железничката несреќа што ја потресе Шпанија, а според информациите објавени во шпанските медиуми, во трагедијата загинале 69 лица.
Младата спортистка специјализирала скок во далечина и редовно учествувала на клупските натпреварувања во Шпанија. На 9 октомври го прославила својот 24. роденден, а нејзиниот личен рекорд во скок во далечина изнесувал 5,90 метри. Во текот на оваа година живеела во Германија.
Од неа се прости и претседателот на Кралската шпанска атлетска федерација, Раул Чападо, кој истакна дека нејзината смрт претставува огромна загуба за целото атлетско семејство.
„Постојат удари што го погодуваат самото срце на атлетското семејство. Денес спортот тагува по загубата на Хулиета, живот исполнет со ветувања што неправедно згасна“, порача Чападо.
Тој изрази сочувство до семејството, пријателите и клупските колеги на младата атлетичарка, но и до семејствата на сите останати жртви во железничката несреќа