Ѕвездата на Арсенал се повреди по само десет минути игра против Баерн Минхен, а првичните процени на тренерот не се оптимистички.
Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, е сериозно загрижен за повредата на Букајо Сака, кој мораше предвреме да го напушти теренот на дуелот против Баерн Минхен во Лигата на шампионите.
Англискиот репрезентативец се повреди во раната фаза од натпреварот во Минхен, па уште во десеттата минута беше заменет со Еберечи Езе. Според првичните информации, станува збор за проблем со квадрицепсот, односно мускулот на предниот дел од бутот.
„Воопшто не изгледа добро, но мораме да почекаме и да видиме. Медицинскиот тим е загрижен. Кога фудбалер мора да го напушти теренот поради остра болка, тоа никогаш не е добра вест“, изјави Артета.
Повредата на Сака е сериозен удар за лондонскиот клуб, со оглед на важноста на англискиот офанзивец во играта на тимот. Тој е еден од клучните фудбалери на Арсенал, а неговото евентуално подолго отсуство би можело да создаде дополнителни проблеми за Артета во продолжението од сезоната.
Натпреварот во Минхен заврши со резултат 2:2. Арсенал поведе преку Езе, Баерн направи пресврт со головите на Алфонсо Дејвис и Хари Кејн од пенал, а Деклан Рајс во 82. минута му донесе бод на англискиот тим.
Артета се осврна и на исклучително високиот интензитет на модерниот фудбал, посочувајќи дека играчите се изложени на огромни физички напори.
„Интензитетот што го бараат ваквите натпревари е неверојатен. Во секоја акција има дуел еден на еден, речиси и да нема одмор. Стресот, квалитетот и темпото се на највисоко можно ниво. За жал, ваквите работи се случуваат“, додаде тренерот на Арсенал.