Стратегот на „црвено-црните“ зборува за доаѓањето во Скопје, потенцијалот на екипата, потребните засилувања, квалитетот на македонската лига и важноста на поддршката од навивачите пред дербито со Шкендија.
Тренерот на Вардар Миодраг Божовиќ, во разговор со „Арена Спорт Македонија“ за актуелната состојба во клубот, откри како дошло до неговиот ангажман во Скопје, што затекнал по пристигнувањето и какви се неговите очекувања од продолжението на сезоната.
Искусниот стратег смета дека Вардар располага со добри услови за работа и потенцијал за напредок, но нагласува дека за исполнување на амбициите е неопходно да се засили конкуренцијата во тимот. Тој е свесен дека во клуб со традицијата на Вардар секогаш се очекува борба за шампионската титула, а како еден од важните фактори ја посочува и поддршката од трибините.
Во пресрет на дербито со Шкендија, тренерот најавува тежок натпревар, во кој двата тима ќе се обидат тактички да го изненадат противникот.
Како дојде до соработката со Вардар? Кој беше посредникот и како започна приказната за вашето доаѓање во Скопје?
Божовиќ: Еден мој пријател од Белград ме праша дали би сакал да работам во Вардар. Одговорив „Зошто да не?“. Потоа тој стапи во контакт со луѓето во клубот, и еве ме тука.
Кога слушнавте дека Вардар е заинтересиран за вас, бевте ли запознаени со потенцијалот на екипата и со тимот во кој доаѓате?
Божовиќ: Ги погледнав натпреварите што Вардар ги одигра во квалификациите за Лигата на шампионите и Конференциската лига, против КУПС и Рига. Сметам дека Вардар испадна на многу несреќен начин. На двата натпревари практично имаше резултат што му даваше шанса за пласман понатаму, но во последните минути, по некои несреќни ситуации, дојде до елиминацијата. Ми се чинеше дека овој тим има потенцијал и дека со оваа екиипа може да се работи.
Што наследивте од претходникот? Бевте ли свесни дека во Вардар секогаш се очекува освојување на шампионската титула?
Божовиќ: Секако. Свесен сум дека во Вардар секогаш е императив освојувањето на шампионската титула. Затекнав екипа која беше физички добро подготвена. Единствено, тие несреќни порази во Европа оставија трага врз атмосферата во тимот. На почетокот најважно беше да се подобри атмосферата, бидејќи не е лесно да бидеш елиминиран на таков начин. Тоа негативно влијае врз играчите и нивната самодоверба.
По неколку месеци работа, како ви се чини, дали може Вардар да се бори за одбрана на титулата?
Божовиќ: Можеме само да кажеме дека ќе се бориме! Тоа е сигурно. И на последниот натпревар против Брегалница можеби не одигравме на највисоко квалитативно ниво, но играчите се бореа сите 90 минути. За мене е важно екипата да го има тој карактер и да не се откажува до самиот крај.

Доколку добиете можност да ја засилите екипата во следниот преоден рок, на кои позиции би сакале да донесете нови играчи? Што му недостига на Вардар за да биде уште поквалитетен?
Божовиќ: Секој квалитетен играч што може да направи разлика би бил добредојден. Засилувања се потребни на секоја позиција, пред сè за да ја зголемиме конкуренцијата во тимот. Конкуренцијата е единственото нешто што ги тера играчите да го дадат својот максимум. Кога секој фудбалер знае дека има некој што може да го замени, тогаш сите мора да работат повеќе и да се борат за своето место.
Што ви остави најголем впечаток во овие неколку месеци во Вардар и колку сте задоволни од условите за работа што ги нуди клубот?
Божовиќ: Објективно, за балканските услови, Вардар има добри услови за работа, можеби и меѓу најдобрите. Имаме одлична база и сè што е потребно за нормална работа. Секако, како и секогаш, има некои ситници што можат да се подобрат, но во суштина клубот ни овозможува мирни и добри услови за работа.
Како ја оценувате македонската лига врз основа на натпреварите што досега ги одигравте?
Божовиќ: Јас сум тука пет натпревари и можам да кажам дека лигата е многу израмнета. Особено ми е драго што буквално секој може да победи секого. Можеби малку се издвоија четири екипи според квалитетот – Тиквеш, Струга, Вардар и Шкендија, но сите останати клубови можат да му создадат проблеми на секого и да освојуваат бодови против кој било противник. Тоа се потврди и на последниот меч со Брегалница која ни создаде проблеми, како и на мечот со Скопје кога моравме со пресврт да ги освоиме бодовите.
Вардар во моментов нема поддршка од публиката како во некои претходни периоди, поради причини кои не се поврзани со фудбалот. Колку ви недостига атмосферата на домашните натпревари и колку таа може да му помогне на тимот?
Божовиќ: Јас сум играл во Скопје уште многу одамна. Повеќе не се сеќавам точно на годината, мислам дека беше 1988 година, кога играв против Вардар. Она што добро го паметам е извонредната атмосфера и неверојатното навивање. Тогаш играв за Будуќност од Подгорица и загубивме со 3:0. Кога понекогаш ќе погледнам ракомет и ќе видам каква атмосфера има на натпреварите, многу лесно сфаќам колку ни недостига таквата поддршка. Сепак, навистина не сакам да навлегувам во тоа кој е проблемот и зошто е така. Публиката во Македонија, а не само навивачите на Вардар, е многу темпераментна и знае силно да ја поддржува својата екипа. Сум играл и во Битола против Пелистер и знам каква атмосфера можат да создадат навивачите. Таквата поддршка е многу важна за секој тим и секако дека би ни значела и нам. Не навлегувам зошто навивачите не доаѓаат, но сигурно дека би сакал да имаме поддршка и ние како што ја имаат ракометарите.