„Нема да се предадам, го почнав процесот на подмладување и одам до крај. Имам и поддршка од федерацијата. Резултатите ме болат, но ова е процес кој мора да се издржи“, рече селекторот на Македонија во интервју за Арена Спорт Македонија.
Гоце Седлоски и натаму чека на првата победа на Македонија откако е селектор со траен мандат на репрезентацијата.
Арена Спорт Македонија направи интервју со предводникот на националниот тим за досегашните резултати во Лигата на Нациите, за она што следува како и за идните планови со репрезентацијата на Македонија. Која е причината што Македонија не може да постигне гол? Која е причината за ваквите резултати? Дали некои нови играчи ќе добијат шанса во селекцијата? Може да прочитате во ова интервју со Седлоски.
Пред да прифатите да бидете селектор, бевте ли свесни за потенцијалот што го располага оваа репрезентација?
Седлоски: Да, знаев на што се нафаќам и кај влегувам. Противниците ги знаев и знаев дека ќе биде тешко, нормално го знаев тоа, но јас сум таков тип, кога треба, значи тука сум за Македонија. Се договоривме со претседателот, со спортскиот директор со Пандев, со сите тие кои ме побараа тогаш, и прифатив. И секогаш велам дека селектор на Македонија е врвот на кариерата на секој македонски тренер, и кој не би прифатил? Но, беа тешки натпреварите на почетокот. Знаев дека ќе биде тешко против Данска во баражот, меѓутоа ваква понуда се случува еднаш во животот и мислам дека тоа е врвот. Нормално, сега малку ни е тешко поради оваа серија на порази, но ќе работиме за што побрзо да излеземе од ова криза.
Тешко ли ви паѓа секој пораз на репрезентацијата на Македонија?
Седлоски: Ниту како играч, ниту како тренер не сум бил никогаш во ваква ситуација со порази. Ова е репрезентација и сите знаеме што значи. Да се претставува држава е нешто свето. И овие порази кои ги имаме сега нормално дека болат. Но, веднаш ќе кажам, не се предавам. После тој меч со Данска размислив добро 2-3 дена и на луѓето од федерацијата им кажав дека ќе почнам нов процес на подмладување на репрезентацијата, и тоа полека го правам. Е, сега, треба нормално трпение. Знам дека резултатите не се добри, критиките одат кон мене, но морав да тргнаа на такво нешто. Треба да дојдат некои нови играчи да играат за националниот тим. Знаеме и младата репрезентација со што располага. Но, штом сум се нафатил на овој процес, одам до крај. Нема да се откажам и ќе одам до крај. Со исклучок на некои играчи кои се ростерот на екипата, со нив и со неколку помлади сили да направиме една репрезентација со која ќе направам микс која со години ќе биде тука. Значи сум тргнал во таков процес и не застанувам.
Која треба да биде според вас клучната промена во репрезентацијата во таа смена на генерации?
Седлоски: Подмладувањето е процес кој бара трпение и време. После мечот со Данска, игравме со Ирска и одлучив да го ставам Фетаи. Потоа следуваа пријателските мечеви со Босна и Херцеговина и со Турција. На сите им дадов шанса. И на мечевите во Лигата на Нациите им дадов шанса на сите кои ги повикав. Сега гледам, размислив, имаме некаква слика. Преостануваат уште овие два меча во Лигата на Нации и мислам дека ќе донесеме одлука како и што понатаму. Но, ростерот е главно тој. Можеби уште некои играчи да бидат вклучени. Треба и да најдеме нови играчи кои ќе бидат репрезентативен квалитет. Може и за овие два меча ќе повикам уште двајца нови да видиме дали може да пружат во репрезентацијата.

Кој според вас треба да биде идниот лидер на репрезентацијата на Македонија?
Седлоски: Лидер треба да наметне. Во репрезентацијата сите треба да бидеме заедно, сите да бидеме лидери. Почнувајќи од мене како селектор, до играчите, до стручниот штаб, федерацијата, сите треба да дишеме еден за друг. Имаме супер атмосфера во националниот тим. Лидерот треба сам да дојде. Со игра ќе треба самиот да се истакне. Тешки се тие моменти. На времето беа Пандев, потоа Адеми, Ристовски, тука се сега Енис Барди и Елиф Елмас. Тој лидер треба да биде Елмас и се надевам дека ќе наметне со неговите игри во клубот и дека ќе го поведе националниот тим кон успеси.
Постои ли некое логично објаснување зошто селекцијата не може да постигне гол толку многу натпревари?
Седлоски: И јас истото се прашувам. Знам дека и на играчите им е тешко, можеби и најтешко. Не дека не даваат максимум. Видовте и самите освен оние два меча на домашен терен кои ги игравме со Швајцарија и со Шкотска, со Словенија создадвме шанси, потоа и со Швајцарија игравме добро, и не дадовме гол. Кај нив веќе е влезено тоа во главите и товарот е огромен кај сите, и кај нив, и кај мене. Притисокот е нормален во ваква ситуција. Меѓутоа од друга страна, што ако постигнеме гол, а загубиме 5:1 или 6:1. Да, треба голови, но мислам дека поважно е да бележиме добри резултати. А, сметам дека резултатите ќе дојдат.
Како го оценувате досегашниот тек во Лигата на Нации и кои се очекувањата за следните две средби?
Седлоски: Групата беше силна. Со Швајцарија, Шкотска, Словенија. Тешко е да се игра. Пробувавме се и сешто, но налетавме на навистина силни репрезентации кои имаат поквалитетни играчи и играат во своите клубови, и затоа се таму каде што се. Сега треба да гледме што понатаму. Овие мечеви се како подготовка за Европското првентво и за баражот во Лигата на Нации кој ќе биде во март. Добра можност на овие три меча кои следуваат сега во ноември и после во март да видиме до каде сме. Фудбалерите се тие, може ќе има уште некои нови. Да најдеме некој кој ќе биде над овие кои ги имаме сега, сигурно ќе добие повик. Го посакувам Караташ од Галатасарај кој може да игра и на левата и на десната позиција, но не е до мене дали ќе го обезбедиме. Треба да бидеме истрајни. Народот бара резултати, знам како е. Сум бил играч и сега селектор, и мене ми е тешко. Резултатите највеќе ме болат“.

До неодамна Македонија играше нерешено и со Италија и со Англија, има ли разлика од таа селекција до оваа сегашната?
Седлоски: Во тоа време Барди беше во врвна форма во Леванте, Алиоски во Лидс, Елмас во Наполи. Сега да не споменувам во каква форма беа и Ристовски, Адеми… Сите беа во топ форма. И сега малку треба да сме реални.
Како ги доживувате критиките од јавноста?
Седлоски: Нормално. Критиките се дел од оваа работа, и секој кој платил билет и дошол да гледа репрезентација нормално е да посакува победа. Затоа и малку тешко е. Критиката мора да постои, а таа критика ме прави и посилен. Е, сега, како ќе излеземе од сето ова, јас си знам. Се надевам дека ќе биде добро.
Ако добивате критики од јавноста, федерацијата ви дава поддршка од друга страна…
Седлоски: Им благодарам на сите за укажаната доверба и за поддршката. Јас им пренесов дека ќе треба да се подмладува за доброто на репрезентацијаа, и тие го прифатија тоа. Јас не ја донесов таа одлука сам, туку во согласност со остантите во федерацијата. Нормално дека ќе треба време. Ситуацијата не е добра, но јас сум борец и не се откажувам и ќе успеам. Тоа е процес кој го имаат и поголеми репрезентации од нашата. Погледнете ја една Хрватска, загуби 7:0 од Англија на домашен терен. Погледнете ја Германија која не може да направи успех на едно големо натпреварување, погледнете ја Италија. Еве и во Србија има проблем. Навистина и поголеми селекции имаат проблем во таа смена на генерации.
Како го оценувате македонското првенство оваа година?
Седлоски: Секако дека ги следам состојбите во македонскиот фудбал. Добро е што играат сите. На горниот дел на табелата не е огромна разликата во бодови. Добро е што секој може да победи секого и ќе биде интересно. Вардар, Шкендија, Струга, Тиквеш, Силекс ги гледам како екипи кои ќе се борат за горниот дл на табелата. Останатите ќе се борат за опстанок и ќе биде навистина интересно и неизвесно, а тоа е добро за првенството.
Што е потешко да се биде, тренер или селектор?
Седлоски: Дефинитивно потешко е да се биде селектор. Не ги гледаш секој ден играчите. Се слушаш имаш контакт, но не е исто. Кога си тренер секојдневно ги гледаш, внимаваш на нив, им влијаеш… Едноставно како да се дел од фамилија. Но, ќе се навикнам и на ова. Сум ја прифатил таа одлука и се надевам дека после оваа негативна серија ќе почнеме серија добри резултати и се ќе биде во ред.