Фудбал

Анчелоти направи потег со кој ја налути Барселона

Анчелоти направи потег со кој ја налути Барселона

Во Барселона се крајно незадоволни од одлуката на селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, да го повика Рафиња за претстојните репрезентативни обврски во ноември, иако фудбалерот на каталонскиот гигант сè уште не е целосно закрепнат од повредата.

Според информации на порталот „The Touchline“, на „Камп Ноу“ сметаат дека ваквиот потег претставува непотребен ризик за еден од најважните играчи во тимот на Ханси Флик, особено ако се земе предвид дека Бразилецот веќе имаше проблеми во текот на актуелната сезона.

Рафиња ја започна сезоната во фантастична форма. Капитенот на Барселона беше речиси незапирлив пред противничките голови, а посебно се истакна со постигнувањето хет-трикови на два последователни натпревари.

Сепак, неговата блескава серија беше прекината за време на репрезентативната пауза. Анчелоти имаше голема доверба во него и му додели значителна минутажа на дуелите на Бразил против Австралија, но големиот напор остави сериозни последици. Крилниот напаѓач на Барселона заработи повреда на мускулот на бутот, поради која ги пропушти клупските натпревари по враќањето од репрезентативните обврски.

Ниту по закрепнувањето не успеа да ја достигне претходната форма, а во Барселона сега стравуваат дека проблемот би можел повторно да се појави.

Дополнителна загриженост предизвикува и фактот дека Рафиња, според истиот извор, сè уште не е на максимално физичко ниво. Германскиот стратег Ханси Флик внимателно ја дозира неговата минутажа, а по Ел Класико било потврдено дека самиот фудбалер побарал замена бидејќи неговото тело повеќе не можело да го издржи напорот.

Во Барселона сметаат дека и бразилскиот стручен штаб мора да покаже поголемо разбирање за неговата здравствена состојба.

Посебен проблем претставува и патувањето што го очекува бразилските репрезентативци. „Кариоките“ на 14 и 17 ноември треба да одиграат пријателски натпревари во Сингапур, што за Рафиња значи патување долго речиси 11.000 километри. Во каталонскиот клуб не гледаат никаква причина нивниот капитен да биде изложен на дополнителен физички напор поради пријателски натпревари, особено во момент кога сè уште не е целосно подготвен.