Кошаркарот на Клуж беше договорен со Монако, но поради финансиски проблеми, трансферот не се реализираше.
Анадолу Ефес официјално го потврди трансферот на американскиот плејмејкер Дарон Расел, кој потпиша едногодишен договор со турскиот гигант и за првпат во кариерата ќе игра во Евролигата.
Расел пристигнува од Клуж, каде што имаше одлична сезона и беше најдобар стрелец во Еврокупот со просек од 19,8 поени, 6,2 асистенции, 3,6 скокови и 1,4 украдени топки по натпревар.
Американецот требаше да се пресели во Монако, но договорот не беше реализиран поради финансиските и административните проблеми на францускиот клуб. Тоа го искористи Ефес и го доведе Расел во Истанбул.
Расел со Клуж ги освои романското првенство, Купот и Суперкупот, а беше прогласен и за МВП на финалната серија. Сега го очекува најголемиот предизвик во кариерата – настап во Евролигата.
28-годишниот плејмејкер претходно настапуваше и за Морнар, Галатасарај, Маниса и Каршијака. Во сезоната 2022/23 во дресот на Морнар беше најдобар стрелец и асистент во АБА-лигата.