Фудбал

Американците ќе го следат европскиот фудбал, најавена е историска промена во МЛС!

Американците ќе го следат европскиот фудбал, најавена е историска промена во МЛС!

Американската фудбалска лига МЛС најави историска промена во календарот на натпреварувањето.

Од 2027 година, лигата го напушта досегашниот формат во кој сезоната се играше во рамките на една календарска година и преминува на систем сличен на оној во најсилните европски првенства. Со оваа одлука, американскиот фудбал прави голем чекор кон усогласување со светскиот фудбалски пазар.

Од своето основање во 1996 година, МЛС се играше во периодот од февруари до декември. Но, новиот формат целосно го менува досегашниот распоред. Првата сезона според новиот систем ќе започне во јули 2027 година и ќе заврши во мај 2028 година. Тоа ќе биде прва сезона во историјата на лигата што ќе се игра во две календарски години.

По завршувањето на сезоната, во јуни ќе следува летна пауза за фудбалерите и стручните штабови, исто како што е практика во европските првенства. Промената предвидува и два преодни рока, летен и зимски, кои ќе бидат усогласени со клучните датуми на европскиот трансфер-пазар.

На тој начин, ѕвезди како Лионел Меси, Антоан Гризман и Роберт Левандовски ќе добијат натпреварувачки ритам многу поблизок до оној на кој се навикнати во Европа.

Сепак, пред целосното воведување на новиот систем, МЛС ќе организира кратка преодна сезона, која ќе послужи како мост меѓу досегашниот и новиот календар. Таа ќе се игра од февруари до мај 2027 година.

Почетокот на преодната сезона е закажан за 19 февруари 2027 година, а натпреварувањето ќе трае до 8 мај. Во него ќе учествуваат сите 30 клубови, поделени во две групи. Секој тим ќе одигра по 14 натпревари, од кои седум на домашен терен и седум на гостински терен, по што најдобрите ќе обезбедат пласман во нокаут-фазата.

Местo во завршницата ќе има за по осум најдобри екипи од секоја група. Нокаут-фазата ќе се игра во текот на мај, додека точните датуми дополнително ќе бидат објавени.