Шпанецот по голема борба го елиминираше Алекс Микелсен, додека Циципас и Лехечка исто така обезбедија место меѓу најдобрите 16.
Карлос Алкараз се пласираше во осминафиналето на АТП турнирот во Токио, откако во меч со три сета го совлада Американецот Алекс Микелсен со 7:6, 4:6, 6:1. Натпреварот траеше два часа и 33 минути.
Во првиот сет двајцата тенисери направија по два брејка, па победникот беше решен во тај-брејк, кој Алкараз го доби со 7:1. Микелсен подобро го започна вториот сет и поведе со 2:0, но Алкараз направи пресврт и стигна до 4:2. Американецот, сепак, освои четири гема по ред и израмни.
Во решавачкиот сет третиот носител беше убедлив, направи два брејка и без поголеми проблеми го приведе мечот до крај. Во осминафиналето Алкараз ќе игра против Италијанецот Матео Арналди.
Место во осминафиналето обезбеди и Стефанос Циципас, кој со 4:6, 6:3, 6:4 го совлада Аргентинецот Томас Мартин Ечевери. Гркот во следната рунда ќе се соочи со Валентин Вашеро од Монако.
До осминафиналето стигна и Чехот Јиржи Лехечка, кој по три сета го победи Белгиецот Зизу Бергс со 6:3, 6:7, 6:3. Негов противник ќе биде Французинот Уго Умбер, кој со 6:3, 6:2 беше подобар од Брендон Накашима.