Ракомет

Алкалоид ги освои бодовите со Бутел

Алкалоид ги освои бодовите со Бутел

Ракометарите на Алкалоид забележаа нов триумф во македонската Суперлига, откако на гостински терен го совладаа Бутел со 29-24 во дуелот од осмото коло. Тимот на Кире Лазаров уште од почетокот го наметна својот ритам и заслужено стигна до победата.

Гостите од Автокоманда тргнаа решително и брзо ја презедоа контролата врз резултатот. Добрата игра во воведните минути им донесе предност од четири гола (8-4), со што уште рано најавија дека нема да му дозволат на противникот лесно да се надева на позитивен резултат.

Бутел се обидуваше да го фати приклучокот, но Алкалоид успешно го одржуваше водството. До крајот на првиот дел немаше поголеми осцилации во играта на гостинскиот состав, кој на паузата замина со предност од 15-12.

По враќањето на теренот, избраниците на Лазаров продолжија во ист стил. Алкалоид играше организирано во нападот и цврсто во одбраната, додека домашниот тим тешко наоѓаше начин да ја намали негативата.

Како што одминуваше времето, разликата меѓу двата тима стануваше сè поочигледна. Алкалоид во последните десет минути успеа да се одлепи на плус шест (23-17), предност со која практично ги разреши сите дилеми околу конечниот исход. Во завршницата гостите рутински ја сочуваа предноста и запишаа победа од пет гола разлика.

Борзаш со пет погодоци беше најрасположен во нападот на Алкалоид, а голманот Галевски имаше одлична вечер со 13 одбрани. Кај Бутел, Богдановски забележа 11 успешни интервенции, додека Каевски и Јовиќ со по пет гола беа најефикасни во домашниот состав.